Стадионот „Драгао“ во Порто e прав бастион за репрезентациите кои гостуваат, кој пред 19 години беше отворен и изграден за 125 милиони евра за Европското првенство во 2024 година утре ќе го угости 13-от меч на националниот тим на Португалија и тоа во мундијалското бараж финале против Македонија и на него „европските Бразилци“ немаат пораз веќе 11 меча.
Португалија на „Драгао“ има само еден пораз и тоа на 12 јуни 2004 година од Грција. На отворањето на Еуро 2004, кое заврши со светска сензација и европска круна на јужните соседи, а беше прв меч на овој стадион на Португалците, тие загубија со 1-2 на меч на кој Кристијано Роналдо го даде својот прв гол во националниот дрес.
Оттогаш Португалија на овој стадион нема пораз, ама и не се изнаигра премногу во следниот период и само три од 11-те меча завршиле со реми (Финска во 2007 и Шведска во 2009 – двете без голови, како и С. Ирска во 2012 со 1-1).
Осум победи има Португалија на „Драгао“, од кои пет во низа почнувајќи од мајската контрола во 2016 година во подготовката за еврокруната, преку освојувањето на Лигата на нации три години потоа, па се до триумфот за плејоф финале со Турција во четвртокот.