Стефан Ристовски капитенот на македонската фудбалска репрезентација изјави дека тој соиграчитеите треба да заминат со високо кренати глави после неверојатната авантура во овие квалификации во која приредија две светски чуда и Македонија беше на чекор од СП.
Македонија загуби од Португалија и не го оствари сонот за Катар, а првата грешка која скапо ја плативме беше токму на Ристовски.
„Македонија со високо кренати глави си заминува. Честитки за Португалија, но ова беше авантура во која никој не веруваше и јас сум горд на овој тим, на оваа екипа, зашто го шокиравме светот. Сега треба да продолжиме да работиме и да веруваме“, рече Ристовски
Тој призна дека Португалија со фудбалерите кои ги има не простува ниту најмала грешка, па рече дека ќе навива за нив на Светското првенство зашто и самиот се чувствува помалку Португалец.
„Примивме гол кога имавме добар период, а кога играте против ваква селекција секоја грешка скапо се казнува. Бруно, Роналдо – не простуваат. Јас на Светско ќе навивам за Португалија, помалку се чувствувам Португалец, зашто и мојот син е роден тука и би сакал да станете светски прваци“.
„Во Македонија немаме многу простор за напредок, но напредуваме и ова треба да ни е пример за во иднина. Треба да израснеме млади фудбалери, да работиме и да веруваме дека во иднина Македонија пак ќе игра на големо натпреварување“, заврши Ристовски.