Преголем залак испадна претешкиот пат за Македонија после победата во Италија, со елиминацијата на европскиот првак, за пет дена да го урне и претпоследниот европски фудбалски владетел Португалија со Кристијано Роналдо, па „европските Бразилци“ две наши грешки на „Драгао“ немилосрдно ги искористија за да ни дадат голови и да ни го урнат сонот..
„Штета, дојдовме така близу, имавме толку голема шанса да одиме на Светското првенство, нѐ делеше само еден чекор. Но, не успеавме. Иако остана впечатокот дека Португалците нѐ не надиграа нешто посебно. Направивме некои грешки, тие знаеа да ги казнат и нема сомневање – заслужено победија! Португалија е силна селекција, ама останува впечатокот дека добро се држевме, посебно до тој гол и можеби можевме ѝ повеќе да направиме. Жал ми е“, вели Аријан Адеми, бескомпромисниот борец во црвено-жолтиот дрес.
Македонија пропушти една шанса, но генерацијата најави дека може и дека има силен потенцијал да ја искористи следната, прво за Еуро 2024 во Германија, па потоа и за СП 2026 во САД, Мексико и Канада, зашто тоа ќе биде прв Мундијал со 48 селекции од кои 16 ќе бидат европски, односно ќе има три места повеќе од сегашните 13. Односно, кога би било актуелното СП во Катар со 48 селекции, Македонија со финалето би имала пласман зашто во овој долг квалификациски циклус е меѓу 16-те најдобри од Европа.
„Репрезентации како Македонија немаат често вакви шанси за да одат на Мундијалот, затоа ми е криво што вака заврши. Но, сеедно, горди сме на сѐ што направивме, на таа победа со Италија, на целата еуфорија што ја предизвикавме во Македонија. А, навивачите нѐ бодреа цело време, па дури и сега после поразот. Така да, севкупниот впечаток е многу позитивен, нема што да си замеруваме. Сонувавме за уште една голема победа и настап на Светско, но изгубивме од една од најсилните селекции“, додаде Адеми.