Учесниците на Мундијалот вечерва по 18 часот во Доха ќе дознаат со кого ќе играат во групите на Светското првенство кое во ноември започнува во Катар. Единствено правило на ждрепката е дека две репрезентации од иста конфедерација не можат да бидат во иста група, но тоа не важи за европските селекции бидејќи на првенството има дури 13.
Во пет од осумте групи ќе има две европски селекции, а во пресрет на ждрепката Швајцарците имаат само една желба – да не играат со Србија. Во пресрет на ждрепката, швајцарскиот весник Blick потсети на скандалот на натпреварот помеѓу двете репрезентации во групата на Светското првенство во Русија 2018 година.
Србија во тој натпревар поведе со 1-0 со голот на Митровиќ во 5. минута, а Швајцарецот израмни преку Џака во 52. а потоа целосно направи пресврт со голот на Џердан Шаќири во 90. минута. Шаќири е роден во Косово, а Џака по потекло е од таа земја, па двајцата играчи ги прославија головите имитирајќи го со раце двоглавиот орел, симболот на Албанија.
Ваквиот потег ја разбесни српската јавност, но и ФИФА која ја казни Швајцарија „за политички пораки“ на мечот, а Швајцарците се надеваат дека ждрепката нема да ги спои на овој Мундијал.
„Само не Србија. Никому не му требаат националистички пораки, а Катар е веќе доволно политички извалкан и никому не треба да му треба уште една дискусија на оваа тема. Шаќири и Џака направија глупост и се надевам дека нешто слично нема да се повтори оваа година“, коментираше новинарот Андреас Бони.
Швајцарија е во ждрепката за Светското првенство во вториот шешир, додека Србија е во третиот шешир со Сенегал, Иран, Јапонија, Мароко, Полска, Јужна Кореја и Тунис.