Сѐ изгледаше дека Арсенал ќе направи кикс зашто до 10 минути пред крајот беше во негатива откако уште од десеттата минута со голот на Хванг Хе Чан, „волците“ водеа, но во завршницата вистински трилер пресврт се случи на „Емирати“. Прво Николас Пепе израмни во 82-та минута откако Еди Нкитиа му асистираше, а потоа кога сите чекаа реми од кое најрадосен веројатно ќе беше Јунајтед, Лаказет со втор гол донесе огромна победа.
Арсенал со триумфот сега има 45 бода од 24 меча, а Јунајтед е на само бод пред нив од 26 меча. Вулверхемптон остана на 40 бода со меч помалку од „црвените ѓаволи“, а Вест Хем е шести со 42 бода во жестоката трка за место во елитата во која сѐ уште шанси во завршните 12 кола има и Тотенхем, кој е со два меча помалку од Јунајтед.