Хетафе и Мајорка во саботата одиграа многу важен натпревар во борбата за опстанок во шпанската Примера.

На крајот, дуелот од 30. коло им припадна на домашните (1:0) со голот на Мајорал во 82. минута.

Натпреварот беше исполнет со судиски одлуки кои ја иритираа Мајорка. Во паузата меѓу двете полувремиња, микрофоните на шпанската телевизија ја фатија скандалозната дискусија меѓу судијата и турскиот фудбалер Енес Унал, кој настапува за Хетафе.

„Ми должиш“, му рекол Лахоз на Енес Унал. Претходно, во 40. минута, кога играчот на Хетафе можеше да добие црвен картон, се слушна како Унал вели: „Не ме исклучувај“. Лахоз го послуша и му даде само жолт картон на Турчинот.

https://www.youtube.com/watch?time_continue=6&v=GjSPiW2o9FI&feature=emb_logo

Играта на моменти беше блиску до дивјачка, а Унал во 40 минута доби жолт картон поради неспортско однесување. Заедно со Унал, предупредени беа и Сандро Рамирез (Хетафе), Џовани Гонзалес и Франко Русо (Мајорка).

„Ова е светот на Матеу Лахоз, ние само живееме во него“, одговори еден корисник на Твитер откако ги виде овие сцени.

Судењето на Лахоз беше оспорено од Мајорка. Во 63. минута, по консултација со ВАР, Лахоз го додели вториот жолт картон на Франко Русо, а потоа од 11 метри Унал пропушти одлична шанса да му донесе водство на Хетафе.

По натпреварот и по снимањето на Лахоз и Унал, клубот од Палма де Мајорка жестоко реагираше.

„Не бараме изговор, но мислиме дека немаше пенал. Тоа е одлука што не ја разбираме. Исто како што не го разбираме исклучувањето на Русо, кој не требаше да го добие првиот жолт картон“, изјави Алфонсо Дијаз, претседателот на Мајорка.

Од друга страна, навивачите на Балеарскиот тим сметаат дека се жртви на „измама“ и тврдат дека Матеу Лахоз не може да остане неказнет по се што се случи на пресметката со Хетафе.

„Неподносливо е судијата да му каже на играчот дека му е должен. Лахоз мора јавно да даде објаснување“, велат навивачите на Мајорка во официјалното соопштение.

„Унал, кој стана пријател за време на натпреварот со Лахоз, исто така му вели да досуди пенал и да го исклучи играчот на Мајорка“, напиша друг навивач на Твитер.

Ова не е првпат Мајорка да е длабоко незадоволна од судењето на Матеу Лахоз. Во 12. коло од Ла Лига, кога ремизираа во Кадиз (1:1), судијата од Валенсија го поништи исклучувањето на Иза Карселен, исто така по консултација со ВАР.

Мајорка е на 18-то место со 26 бода, два помалку од Кадиз, кој е прв над линијата и имаат тешка борба да останат во лигата до крајот, но нема да им биде лесно бидејќи веќе во следното коло им гостува Атлетико Мадрид.