Ракометарите на Еурофарм Пелистер загубија со 21-22 во реванш средбата од осминафиналето на Лигата на Европа, иако водеа и со четири гола во текот на првиот дел. Со овој пораз, битолчани го завршуваат европскиот настап за оваа сезона.
Битолчани отворија со 2-0 преку Мараш и Табоада, а Нексе врати преку Јагањац. Беше 3-1, а по десет минути и 5-2, откако домашната одбрана не дозволи да биде совладана шест минути. Капитенот Периќ со гол од пенал зголеми на 6-3, а Маркоски имаше шанса да донесе плус четири, но Радовановиќ одбрани. Битолчани имаа една црна дупка во нападот, но ниту Нексе не беше подобар, па долго време беше 6-3.
По неколку пропуштени напади за плус четири, конечно тоа му успеа на Мандалиниќ во 18. минута, кога беше 7-3. Радовановиќ му одбран два шута на Табоада и Нексе веднаш ја преполови негативата, 7-5. Хрватскиот вицепрвак намали на 8-7, имаше шанса и за реми, но Секељ одбрани, а на спротивната страна Периќ донесе 9-7. Тоа што не им успеа од прва, го направија од втора, па гостите во 25. минута беа во егал, 9-9.
По два пропуштени напади на битолчани, Кевиќ донесе прво водство за Нексе на натпреварот, 10-11. Мараш израмни на 11-11, а гостите не погодија на празен гол, па на пауза се замина со реми.
Вториот дел започна со одбрана на Секељ и со промашување на Обрадовиќ, па Мелиќ казни за нова предност на Нексе, 11-12. Радовановиќ на два пати ги запре шутевите на Костески и Обрадовиќ, а неговите соиграчи реализираа лесно од контри за 11-14 и највисока негатива за пелистерци.
По само пет минути игра Бабиќ мораше да бара тајм-аут. Секељ му одбрани пенал на Мелиќ, а битолчани и понатаму се мачеа да го најдат патот до мрежата на Нексе. Тоа му успеа на Периќ дури во 37. минута, кога од пенал намали на 12-14. Уште на три пати гостите водеа со три разлика, а битолчани играа тешко во нападот.
На тоа се надоврзаа и исклучувањата на Граџан и Маркоски, но битолчани успеаја да се одбранат и со четворица во поле. Мандалиниќ погоди од пенал за 17-19, кога имаше да се играат уште десетина минути од натпреварот. Костески промаши за минус еден, па Јагањац казни за 17-20.
Еурофарм Пелистер врза два гола во сериија и негативата беше само минус еден, 19-20 на пет минути до крај. Беше и 21-21, битолчани не реализираа и Јелиниќ казни со гол за 21-22 и крај на надежите барем за триумф на овој натпревар.
Најдобри стрелци во македонскиот тим беа Мандалиниќ со шест и Табоада со пет гола, а голманот Секељ имаше осум одбрани. Кај Нексе се истакнаа Јелиниќ со пет, како и Јагањац и Томиќ со по четири гола, а Радовановиќ собра 13 интервенции.