Актуелниот македонски првак Вардар 1961 денеска (18:45 часот) ја отвара новата сезона во Лигата на шампиони, вкупно 16-та (15. во групната фаза). До сега одигра 172 натпревари и има забележано 77 победи.
Двократниот освојувач на титулата тргнува од Елверум.
„Црвено-црните“ влегуваат со нов состав и нов тренер на клупата. Веселин Вујовиќ во своето трет мандат треба да донесе убави ракометни денови на европска сцена. Иако се уште се бара вистинската форма, сепак очекувањата се победа на стартот за најава на добра сезона.
Во Норвешка Вардар отпатува без Ристовски, Гурбиндо и Кудуз, додека со тимот заминаа браќата Оливие и Кевин Њокас, но прашање е дали и колку ќе можат да бидат корисни за дуелот со Елверум, тие дојдоа на ден пред заминување на тимот на првото гостување во Лигата на шампионите.
За време на подготовките македонскиот тим покажа и добри и лошо страни, но сега нема простор за егзибиции, секој бод, секоја победа е важна.
Со Елверум, Вардар 1961 нема лошо искуство. До сега има одиграно само две средби и нема пораз. Има една победа 33-35 и едно реми 34-34. Ова ќе биде прво гостување на актуелниот македонски првак во Елверум, минатата сезона поради пандемијата коронавирус и забраната за патување во оваа земја, двата меча се одиграа во Скопје.