По вицешампионот Пелистер и македонскиот ракометен шампион Вардар 1961 ги заврши своите настапи на меѓународна сцена оваа сезона. „Црвено-црните“ одиграа драматичен реванш во Веспрем и со реми се збогуваа од Лигата на шампионите.
На дуелот во Унгарија резултатот гласеше 31-31, но Веспрем беше убедлив во Скопје и заслужено патува меѓу осумте најдобри во елитата. По натпреварот, тренерот Давид Дејвис Камара говореше за средбата и ги пофали своите ракометари.
„Најпрво честитки за Илиќ за пласманот во четвртфиналето. Многу среќа понатаму. Честитки за Веспрем, тука бев две и пол години и им посакувам се најдобро. Исто и за мојот тим затоа што знам дека тука е никогаш не е лесно да се игра. Иако губевме по првото полувреме, ние продолживме да играме и да растеме. Имаме уште важни натпревари. Среќен сум поради резултатот, да одиграш нерешено со Веспрем не е лесно. Иако за нив можеби ремито е неважно, за нас е многу. Исто и благодарност до навивачите кои дојдоа тука со нас“, изјави Дејвис.
Веспрем втора сезона во низа е кобен за Вардар во Лигата на шампионите, откако унгарскиот вицешампион и лани во осминафиналето беше поуспешен од „црвено-црните“.