Лутата реакцијата на Кристијано Роналдо кон тренерот Ралф Рангник, откако беше заменет во 75. минута од синоќешната средба против Брентфорд (3-1) во моменти кога неговиот тим водеше со 2-0 и денеска е топ-тема во британските медиуми.

Германецот на негово место го стави Хари Мегваер, не сакајќи да му се случи идентично сценарио како неколку дена претходно, кога „ѓаволите“ во финишот прокоцкаа предност од два гола во дуелот со Астон Вила. По средбата, Германецот ја објасни својата одлука, а и даде свое видување на комуникацијата што ја имал со Португалецот.

„Знам дека Кристијано беше разочаран кога излезе. Тој е напаѓач и сака постојано да биде на теренот за да даде некој гол. Но, јас не сум тука за да ги исполнувам неговите желби, туку за тимот да победува. Се најдовме во слична ситуација како против Астон Вила, имавме водство од два гола и не сакав да ни се случи истото, па решив да заиграме подефанзивно, со петмина во одбрана. Разговаравме по замената, му реков дека разбирам како се чувствува, но ако реши да стане тренер и тој би ја донел истата одлука како мене“, изјави менаџерот на Манчестер Јунајтед.

Рангник истовреме замената ја објасни и со фактот што „ѓаволите“ веќе задутре ги чека нов дуел и тоа против Вест Хем, за што ќе му треба одморен Роналдо.

https://twitter.com/RedCacheONLY/status/1483952650068520960?ref_src=twsrc%5Etfw%7Ctwcamp%5Etweetembed%7Ctwterm%5E1483952650068520960%7Ctwgr%5E%7Ctwcon%5Es1_c10&ref_url=https%3A%2F%2Fsport1.mk%2Ffudbal%2Fligi%2Frangnik-ne-dojdov-vo-junajted-za-da-mu-gi-ispolnuvam-zhelbite-na-ronaldo