Легендарниот аргентински голгетер во дресот на Сити добива големо признание, за заслугите и се она што го направи со гигантот од Манчестер. Англискиот премиерлигаш Манчестер Сити следниот месец ќе постави статуа на Серхио Агуеро на стадионот „Итихад“. Со тоа ќе биде одбележана десетгодишнината од неговиот гол, со кој заврши 44-годишното чекање на шампионската титула.

Статуата на Агуеро ќе биде откриена на 13 мај како дел од прославата по повод десетгодишнината од првата титула на Манчестер Сити.

Сити губеше од Квинс Парк Ренџерс со 1-2, но во судиското продолжение стигна до триумф од 3-2 во последното коло од сезоната 2011/12. Тимот постигна два гола во продолжението, а Серхио Агуеро беше стрелец на победничкиот гол.

Агуеро има 260 гола во 390 натпревари за десет години во Манчестер Сити, пет титули во Премиерлигата, една ФА Куп и шест Лига купови.