Виолетовите од Фиренца по се изгледа дека се џелатот на Наполи, за кој македонскиот репрезентативец Елиф Елмас ги одигра последните десет минути
Наполитанците доживеаја тежок удар во своите шампионски амбиции откако Фиорентина го освои Неапол со трумфот со 3-2 на стадионот „Диего Марадона“, па сега лидерот Милан има шанса да избега на плус четири по ова 32. коло во Серија А.
Пред пет години, Наполи влезе во завршната трка за „скудетото“ во битката со Јувентус како прв фаворит, тогаш воден од Маурицио Сари, но Фиорентина ги спречи наполитанците тогаш со триумф на домашен терен, за да дојдат до првата круна уште од ерата на легендарниот Марадона.
Сега „виолетовите“ повторно ги сопнаа наполитанците и овој триумф може да биде клучен ако тимот на Лучано Спалети не успее да стигне до шампионската титула во завршните шест кола.
Нико Гонзалез по 29 минути игра го најави шокот во Неапол, а откако Дрис Мертенс во 58-та израмни, следеше клучниот период од шест минути од 66-та до 72-та кога Наполи клекна на колена. Прво Иконе, а потоа Кабрал погодија двапати за огромна предност на „виолетовите“ од 3-1, па до крајот само Виктор Осимен успеа да даде втор гол за Наполи, шест минути пред крајот.
Македонскиот бисер Елмас шанса доби во завршните десет минути од мечот, кога Наполи веќе беше на прагот на поразот. Со овој пораз тие останаа на 66 бода, колку и Интер, а Милан, кој вечерва гостува кај Торино има 67. Фиорентина со победата дојде до 53, еден зад шестата Рома, а два зад петтиот Лацио.
Сасуоло со 2-1 ја победи Аталанта, а Удинезе во судиското надполнување славеше кај Венеција во другите два денешни мечеви од редовниот термин во Калчо лигата.