Незадоволството во редовите на Вардар е огромно а има и зошто. Најтрофејниот македонски фудбалски колектив „грми“ од сите страни за неправдата која што ја доживеја на натпреварот со Гостивар, кој го загуби со 2-1.
Причината за ваквото незадоволство на вардарци е јасна, големите грешки на судиите кои што директно влијаеја врз текот на настаните на мечот во Гостивар. Поради катастрофалното судење, федерацијата ја суспендира судиската тројка, но според првиот човек на Вардар, Слободан Крстевски, тоа е премалку и тој бара целото раководство на ФФМ да си поднесе оставка.
„Серијата „ВМФЛ” продолжува, само се менуваат главните актери, борбата за власт, позиции, гласови, а интересот на фудбалот и развојот никој не го гледа. Сѐ е купено и договорено однапред, никакви правила не важат, за некои клубови има отстапки, а некои клубови се тешко оштетени секое наредно коло. Со вчерашното бламирање во Гостивар раководните структури на Фудбалската федерација на Македонија го направија првенството да биде нерегуларно на дрзок и безобразен начин со една цел, екипата на ФК Вардар по секоја цел да остане во втората лига.
Претседателот на федерацијата можеше на почетокот на сезоната да нѐ информира дека има за цел по секоја цена однапред на зелена маса да се договорат финалните позиции на табелата што ќе беше покоректно, отколку на ваков начин да се наруши регуларноста на првенството.
ФФМ, доста е веќе! Кај нас во ФК Вардар се е веќе јасно и овој пат нема повлекување, поминати се сите граници, на неколку наврати во минатото сме реагирале на нерегуларностите кои ги сервираа од Фудбалската федерација на Македонија, но веќе нема. Сега одиме до крај!
Безусловно бараме целото раководство на ФФМ да си поднесе неотповиклива оставка на чело со претседателот Сејдини и сите комисии при ФФМ да се самораспуштат. Време е за промени, време е фудбалски величини како Горан Пандев да застанат на чело на ФФМ, за да може македонскиот фудбал да мрдне од мртва точка“, вели Слободан Крстевски.
Одговорноста за поразот од Гостивар ја презеде Никола Глигоров, кој утрово си поднесе оставка од тренерската функција во тимот.