Машката репрезентација на Македонија со реми се враќа од Чешка, 24-24, иако водеше во текот на мечот и со седум гола.
Левиот бек Филип Талески вели дека можевме и во Злин да оствариме уште подобар резултат, но верува дека со поддршка од навивачите во Скопје, Македонија ќе оди на СП.
„Можевме и тука да завршиме добра работа, но прокоцкавме многу. Имавме контрола до 42, 43 минута. Квалитетна одбрана, сигурни во напад. Ги изненадивме во второто полувреме со брзите голови на почеток. Дури се свестија , требаше уште малку да нагазиме за да завршиме голема работа тука. Но, што е тука. И овој нерешен резултаат пред натпревар да ни го дадеа ќе го прифатевме со задоволство. Ова ќе не држи свесни. Знаеме дека Чешка е квалитетен противник со квалитетен тренер. Ќе не анализираат добро и имаат четири дена да се подготват за нас. Очекуваме уште подобра и поквалитетна игра од нив во Скопје. Очекувам да променат нешто во одбраната за вториот меч, можеби нешто подлабоко, гледам дека им фалат дел од играчите. Во напад тоа е тоа од нив. Ние мора да се фокусираме на нашата игра. Не смееме да имаме падови како во второто полувреме. Ако играме како до 42. минута можеме да одиме на СП, мислам дека ќе се радуваме и ќе го оствариме тоа што сакаме. Тажни сме бидејќи прокоцкавме победа и не смееме тоа да го дозволиме во Скопје. Знаеме што не чека во Скопје, полна сала и се надевам дека со поддршка на навивачите ќе се пласираме на Светско првенство“, изјави Талески.
Реванш средбата меѓу Македонија и Чешка ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ в недела на 17 април со почеток во 19:00 часот.