Манчестер Сити го елиминира Атлетико Мадрид од Лигата на шампионите, а крајот на овој натпревар го одбележа вербален конфликт меѓу тренерите на двата тима.
Сити даде „отпор“ во Мадрид во меч без голови кој заврши бурно, што доведе дури и до конфликт меѓу играчите и членовите на двата тима во тунелот на патот кон соблекувалните.
Имаше туркање, плукање, влечење за коса и секако вербално довикување и навреди. Од тоа не беа исклучени ниту тренерите на двата тима, Пеп Гвардиола и Диего Симеоне.
Добар дел од прес-конференцијата по натпреварот помина во соочување меѓу тренерите и поставување прашања за некои од изјавите кои беа дадени пред овој дуел.
Симеоне беше прашан дали Гвардиола покажа недостаток на почит кон него кога го критикуваше начинот на игра на Атлетико со изјава дека противникот се брани со десет во поле.
По пласманот во полуфиналето, Гвардиола изјави дека му мисли се најдобро на Симеоне и дека има право да игра како што сака и дека само сакал да каже дека натпреварите со Атлетико се тешки и дека тимот знае добро да се брани.
„Не правете грешка, никогаш не сум го критикувал Атлетико“, изјави Гвардиола.
По испаѓањето, Симеоне одговори: “Не ми е гајле што некој ќе каже за мене, добро или лошо. Оние со широк речник се доволно интелигентни да те фалат, а во исто време да те презираат. Но, ние не сме глупави иако нашиот речник можеби е помал“.
Симеоне самиот ја прекина прес-конференцијата откако му беше поставено прашање кое, судејќи по реакцијата, воопшто не го засега.
Запрашан дали може да му даде совет на Реал како да игра против Сити, тој само рече дека „никогаш нема да го направи тоа“, стана и си замина.