Ракометната репрезентација на Македонија славеше над Израел (38-37) во рамки на „Кроација Куп“ и со победа патува на Светското првенство (СП) кое се игра во Полска и Шведска.
Со оглед на рејтингот на противникот, веројатно се очекуваше поуверлива победа на Македонија, а таков беше впечатокот и од случувањата на теренот, особено во првото полувреме, кога со леснотија поведовме со 9-6 по неполни осум минути игра. Таквиот тренд, да постигнуваме голови во просек секоја минута траеше, речиси, до 20-тата, кога црвеножолтите стигнаа до највисоките плус седум, 18-11 и 19-12.
Во меѓувреме, Лазаров направи промена, без малку, на целата постава, седнувајќи ги на клупа Кузмановски, Атанасијевиќ и Јагуриноски, а давајќи им шанса во нападот на Ѓорѓиев, Младеновиќ и на Серафимов. Следуваше серија од 4-1 за селекцијата која ја предводи Драган Ѓукиќ, што претставуваше вовед за поизедначен резултат и на паузата (23-19) и потоа во вториот дел.
Трендот на зачестена ротација во нашиот состав продолжи, а Лазаров често се потпираше на момците, кои обично важат за резервисти. Тоа и не беше некој недостаток во нашата игра, бидејќи кој и да беше на теренот, резултатот „се нишаше“ меѓу три и четири позитива долго време, се до завршните 5-6 минути.
Тогаш изостана и идеја во нашиот напад, нешто што дотогаш служеше, а имавме и 2-3 утнати зицери, па со серија од 3-0, Израелците дојдоа на 37-38, а потоа имаа и напад за нерешено со ракометар повеќе. За среќа се одбранивме и победата остана за Македонија, заслужена гланвно од Дејан Манасков, кој имаше 11 од 11 и Филип Кузмановски, кој застана на шест гола. По четири имаа Гоце Георгиевски и Томислав Јагуриноски, а Марко Кизиќ запиша четири одбрани, сите во вториот дел, откако во првите 30 минути немаше интервенции за македонските голмани.
Македонија на Кроација куп настапи без Филип Талески и Никола Митревски, кои останаа во Скопје.