Фудбалерите на РБ Лајпциг се пласираа во полуфиналето на Лига Европа, откако со вкупен резултат 1:3 ја совладаа Аталанта. По првиот натпревар во кој беше 1:1, Лајпциг беше подобар на „Гавис Стадион“ со 0:2.
Иако двата тима претпочитаат офанзивен стил на игра, грст голови не се забележани на дуелот меѓу овие екипи. Лајпциг беше конкретен, го имаше расположениот Кристофер Нкунку – стрелец на двата гола и го изнуди пеналот за својот тим.
По 18 минути игра, одбраната на Аталанта остави многу простор за Конрад Лајмер по десната крилна позиција, кој убаво го чекаше Нкунку да втрча од позадина и да ја проследи неговата повратна топка зад грбот на Мусо.
Аталанта немаше колосални шанси на спротивната страна, во такви прилики доаѓаше претежно германската екипи предводена од Лајмер, но пред се Нкунку, кој често се поигруваше со противниците, понекогаш изведувајќи и непотребни потези и пируети. Но, доколку скаутите на европските великани го следеа овој меч, ќе мора да знаат дека Лајпциг ќе биде тежок преговарач, иако тоа досега беше несомнено.
На крајот, Нкунку изнуди пенал по невнимателниот старт на Мусо, во моментите кога Аталанта се обидуваше да израмни, а потоа искусно го реализираше за 30-от сезонски гол. Така,фудбалерот од подмладокот на школата на ПСЖ ги урна сите надежи на тимот од Бергамо за пласман во полуфиналето, но атмосферата на стадионот на италијанскиот тим не беше смирена, напротив – се пееше до последен момент.