Кошаркарите на Далас и Јута го одиграа првиот плејоф натпревар од овогодинешното издание на НБА лигата, а повеќе причини за радост имаат гостите од Солт Лејк Сити.
Јута на овој меч славеше со резултат 99:93 против Маверикс, кои беа ослабени со неиграњето на Лука Дончиќ. Ѕвездата на Далас заработи повреда на листот на последниот натпревар од сезоната, па под знак прашалник е дали ќе игра во следните натпревари од првата рунда од плеј-офот.
Гостите до победата ги предводеше Донован Мичел со 32 поени и по шест асистенции и скока. Бојан Богдановиќ додаде 26 со пет скока и четири асистенции, а трет на листата на стрелците на „џезерите“ беше Мајкл Конли, кој мечот го заврши со 13 поени.
Двоцифрен беше Џордан Кларксон со 10 поени, додека Руди Гобер имаше несекојдневна вечер која ја заврши со пет поени и 17 скока. Францускиот центар ги постигна сите поени од линијата за слободни фрлања, а имаше само еден обид од игра за 35 минути на паркетот.
Кај Далас , Џејлен Бренсон се истакна со 24 поени, седум скока и пет асистенции. Го следеше Спенсер Динвиди со 22 поени и осум асистенции, а Реџи Булок имаше 15.
Избраниците на Џејсон Кид водеа во поголемиот дел од првото полувреме , кога Бојан Богдановиќ постигна тројка, по што Јута не ја загуби предноста до крајот на мечот и поведе во серијата.
Следниот натпревар исто така се игра во „Американ ерлајнс центарот“ во Тексас, а е закажан за 19 април.