Најголемата сензација во Лигата на шампионите оваа година и убиецот на великани, Вилјареал после еден месец конечно се израдува на победа во шпанската Ла Лига. Триумфираше против Хетафе со 2-1 за да се зацврсти на седмото место во шпанската елита.
За 16 минути по стартот на мечот, „жолтата подморница“ со два гола на Жерар Морено и Ману Тригерос по асистенција на првиот стрелец ја обезбедија победата, иако Хетафе на средина од вториот дел успеа да се врати во мечот со погодок на Унал, но не најде начин за да се спаси од поразот после лошиот вовед на мечот за нив.
Вилјареал со 13-та победа сезонава дојде до 49 бода на седмото место, шест помалку од шестиот Реал Сосиедад во трката за Европа на шест кола до крајот на сезоната, додека Хетафе остана на 32 бода, четири над опасната зона и сѐ уште со отворена жестока битка за спас.