Актуелниот француски првак Лил сезонава игра во очајна форма па загуби и во дербито на Северна Франција. Се потврди дека сезонава не е ни за Конференциска лига, откако Ланс славеше како гостин со 2-1 и практично надежите дека и во следната сезона Лил може да игра во ЛШ им ги уништи.
Нешто повеќе од половина час на Ланс му требаше да даде два гола, прво преку Франковски во четвртата, а потоа преку Калимуендо во 37-та и на крај овој период излезе клучен за поразот на Лил, кој пред полувремето се врати во мечот со гол на Џека, но во вториот дел не знаеше како да даде гол за да остане непоразен или евентуално да направи пресврт за да остане во трката за место во ЛШ.
Ланс со победата, трета во последните четири меча, го прескокна Лил и дојде до седмото место, а првакот остана на 48 бода, осум помалку од позицијата за директен пласман во ЛШ кое го има третиот Рен, а пет помалку од Монако кој е четврти и има место во квалификациите.
Лил математички може да ја стигне негативата на шест кола до крајот, но формата и фактот дека во последните пет меча дури едвај еднаш победиле, се доказ дека сезонава овој тим е далеку од францускиот крем, а со тоа и од европскиот. Со оваа позиција, Лил во моментов не може ни да излезе во Европа и да игра барем во Конференциската лига.