Украинската тенисерка Елина Свитолина изјави дека на Вимблдон треба да им се дозволи настап на руските и белоруските играчи кои се против руската воена интервенција.
Организаторите на третиот Грен слем турнир во сезоната ,Вимблдон во средата им забранија на тенисерите од Русија и Белорусија да играат на турнирот, а АТП и ВТА изјавија дека одлуката е „неправедна“.
„Не сакаме целосно да им биде забрането учество. Доколку играчите не зборуваат против руската влада, тогаш правилно е да им се забрани учество. Сакаме само да соопштат, дали се со нас и остатокот од светот или со руските власти.Тоа е главното прашање за мене“, изјави Свитолина за Би-Би-Си.
„Ако тие не гласале за оваа влада, тогаш фер е да ги оставиме да се натпреваруваат“, додаде таа.
Нејзиното семејство и пријателите сеуште се во Украина, а Свитолина изјави дека тенисот повеќе не е во „главниот фокус“.
„Има многу руски тенисери кои можат повеќе. На прстите од едната рака можам да избројам колку играчи од Русија и Белорусија ме прашаа како сум, како е моето семејство, дали сите се безбедни. Затоа се чувствувам малку тажно поради оваа ситуација. „Начинот на кој тие се однесуваат е многу, многу тажен. Ние сме колеги кои се гледаме секоја недела и шокантно е да се види оваа промена толку брзо“, рече Свитолина.
Првиот тенисер во светот Новак Ѓоковиќ е разочаран од одлуката на организаторите на Вимблдон, велејќи дека никогаш не е добро кога политиката се меша во спортот.
„Не можам да ја поддржам одлуката на Вимблдон. Мислам дека тоа е лудост“, изјави Ѓоковиќ.