Новак Ѓоковиќ, по десетти пат се пласира во полуфинале на АО на гренслемот во Мелбурн, откако за два часа го надигра Русинот Андреј Рубљов, во три сета.
Првите два сета, завршија со 6-1, 6-2. во третиот, Рубљов даде малку посилен отпор, но Ѓоковиќ направи брејк уште во првиот гејм, па противникот не успеа да се врати и сетот заврши со 6-4.
„Првите два сета не се реална слика за овој меч, Рубљов е многу подобар од тоа. Еден брз тенисер, со еден од најдобрите форхенди на светот, ми беше многу потешко од тоа што резултатот го кажува. Сепак, најважно е тоа што ја пронајдов својата игра, го играм најдобриот тенис што можам во моментов“, изјави Ѓоковиќ по победата.
Во претходните девет пласмани во полуфиналето во Мелбурн, тој не само што успеваше да дојде до финалето, туку ја освојуваше и титулата, затоа е голем фаворит и овој пат да стигне до целта. Противник во полуфиналето, в петок, ќе му биде изненадувањето на турниров, 25-годишниот Томи Пол од САД.