Шпанскиот тенисер, вториот светски рекет, Карлос Алкараз, со пораз го отвори завршниот АТП-турнир во Торино, во напорен меч против Александар Зверев, долг три сета и два и пол часа. Шпанецот почна со добиен тајбрејк, со 7-3, но во вториот и во третиот сет само по еден брејк му беше доволен на Германецот за да слави со 6-3, 6-4 и да ги освои првите бодови во групната фаза од завршниот турнир.

Сепак, она што им падна во очи на медиумите е лошата форма на Алкараз, за која цела есен се повторуваат симптоми. Сето тоа го доведе Алкараз до една негативна серија која никогаш досега му се нема случено – три порази во низа!

Се разбира, станува збор за три порази во рамки на АТП-турнеата. Прво загуби во осминафиналето на мастерсот во Шангај, од Григор Димитров, потоа во Париз беше елиминиран уште во првото појавување, од Роман Сејфулин од Русија и сега го загуби дуелот со Зверев.

Досега кога губел три меча по ред секогаш, барем, еден од нив бил ревијален, како на пример кон крајот на 2022, кога загуби од Рубљов и од Руд во Дубаи. Имаше порази на три официјални меча и во 2021, но еден од нив беше во челинџер-серијата, а не највисоката АТП-турнеа, па оттука ова ја одбележува најголемата криза, откако застана на светскиот врв.

Во групата на Алкараз и Зверев играат Данил Медведев и Андреј Рубљов. Во другата група Новак Ѓоковиќ и Јаник Синер почнаа со победи над Холгер Руне, односно Стефанос Циципас.

https://x.com/TheTennisLetter/status/1724101458147381683?s=20