Ракометната репрезентација на Македонија ќе мора да продолжи без три легендарни ракометари. Филип Миркуловски и Столе Стоилов веќе се повлекоа и кажаа збогум по баражот со Чешка, а прашање на месеци е и капитенот Кирил Лазаров да го стори истото.
Раководството на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) најави дека за тројцата се планира проштален натпревар, а иницијатива до РФМ доаѓа од наш колега, спортскиот новинар Павле Симовски од Тетово, кој даде предлог за организација на настанот.
„Овие момци заслужуваат да одиграат проштален натпревар пред 50.000 публика! Покренувам иницијатива до Ракометната Федерација на Македонија прошталниот натпревар да го организира на Националната Арена „Тодор Проески“, значи меч на отворено (на адаптирана подлога на средина од игралиштето) и пред 50.000 публика (со монтажни трибини или столчиња и на терен), како и што заслужуваат овие момци.
Датумот да биде 2 август – нашиот голем празник Илинден, пред се поради празникот и топлото време за да се игра на отворено. Противник нека одлучи РФМ кој ќе биде, Данска, Франција, Германија… или можеби селекција на светот (Ол-стар екипа на ракометни ѕвезди)“, стои во иницијативата до РФМ.
Од РФМ веќе разгледуваат начин, време и место за настанот. Првиот човек Живко Мукаетов кажа дека веќе се разгледува некаква посериозна организација, но не откри повеќе детали.