Играчот за врска на Барселона, Холанѓанецот Френки де Јонг е една од главните цели на Манчестер Јунајтед, кој од следната сезона ќе го преземе тренерот Ерик тен Хаг, пишува шпански Спорт. Холандскиот стручњак наводно ќе има повеќе од 200 милиони евра за трансфери, од кои дел би сакал да инвестира во Де Јонг.
Спорт посочува дека Тен Хаг соработувал со него во Ајакс, каде што му верувале неизмерно, оставајќи му ја водечката позиција во тимот. Од друга страна, каталонскиот клуб не сака да го продаде Де Јонг, а тој не сака да си замине, додава Спорт. Иако 24-годишниот е многу важен за тренерот Чави, доаѓањето на Тен Хаг би можело да му го смени гледиштето, со оглед на тоа што веќе соработувале, сметаат Шпанците.
Потсетуваат дека Барселона е во финансиски проблеми, поради што трансферот делува остварлив.За Де Јонг, Барса му плати на Ајакс 86 милиони евра во 2019 година, според Трансфермаркт. Неговиот договор со Барселона трае до 2026 година.