„Резервистот“ Моис Кин го однесе најтрофејниот калчолигаш Јувентус на чекор до заверка на пласманот во Лигата на шампионите, откако две минути пред крајот даде гол за голема победа на „старата дама“ на гости кај Сасуоло со 2-1 во последниот меч од 34-то коло во Серија А.
Кин кој влезе во игра на место Алваро Мората на 23 минути пред крајот беше џокерот на Масимилијано Алегри, па после асистенцијата на Алекс Сандро, црномурестиот екс-репрезентативец на Италија погоди во мрежата за исклучително важниот триумф после кој Јувентус на петтата Рома ѝ избега на осум бода на четири кола до крајот и многу близу е до верификација на нов настап во европската елита.
Пауло Дибала во последната минута од првиот дел даде гол за израмнување откако Сасуоло поведе шест минути порано после голот на Џакомо Распадори.
Јувентус по 34 кола има 66 бода, Рома на петтото место остана на 58 после поразот од Интер, Наполи со 67 е трет, и само чудо во завршницата од сезоната може четата на Жозе Мурињо да ја однесе во ЛШ.