Овие две екипи се соочија меѓу себе во осминафиналето на ЛШ во 2020 година, а тогаш Сити победи два пати со по 2:1 што беше еден вид на одмазда за елиминацијата од „Кралевите“ во полуфиналето во 2016 година (0:0 во Манчестер, 1:0 за Реал во Мадрид).
Тие се сретнаа и во групата во сезоната 2012/13, а тогаш во Манчестер беше 1:1, а во Мадрид победи кралскиот клуб со 3:2.
Судија на мечот е Романецот Иштван Ковач.
Реал најверојатно ќе го нема Касемиро, а под знак прашалник е Родриго, но затоа големи се шансите да заигра Камавинга.
Кај Сити поради суспензии ќе ги нема Кансело и Менди, а повредени се Џон Стоунс и Кајл Вокер. За нив ќе одлучи лекарскиот тим дали ќе можат да играат или не.
Тренерот Пеп Гвардиола испрати пофални зборови за Реал со тоа што кажа дека тоа не е тим кој стигнал до тука на среќа туку е многу квалитетен, плус дека Сити никако не може да му парира на кралскиот клуб во поглед на историјата.
„Им реков на играчите нека излезат и нека уживаат во натпреварот. Сега сме во полуфинале, после кој знае кога пак ќе играме тука“, кажа меѓу другото Шпанецот.
Реал го има Карим Бензема кој имаше фантастични настапи сезонава како во Ла Лига така и во ЛШ. Постигна по три гола на дуелите со Челзи и ПСЖ со што потврди дека тој е најголемата закана за ривалите. Тука е и Модриќ, искусниот Хрват вистински мотор на екипата од Мадрид, а неговата прекрасна асистенција на реваншот со Челзи многумина ја нарекоа „асистенција на деценијата“. Токму на тој меч Реал имаше големи проблеми, но сепак успеа да се дигне во второто полувреме и да се спаси од елиминација.
Реал досега одигра 30. полуфиналиња во ЛШ/КЕШ, а 16 пати поминал во финале, а 14 пати бил елиминиран.