Македонија утре тргнува во нов циклус во Лигата на нации со дербито во групата во кое Бугарија исто така има свои желби и најавува победа, а Милевски не ја прифаќа улогата на фаворит, потенцирајќи дека фаворити во денешниот фудбал не постојат.
„Не сме спортски работници и никакви провокации, ниту политика нѐ не интересираат. Концентрирани сме само на спортскиот дел, не се оптоваруваме со политика, ниту некогаш политички случувања ни биле неопходни како мотив. Фудбалерите сами по себе секогаш се мотивирани кога го носат македонскиот дрес. Македонија и македонскиот дрес секогаш се мотивација. Единствено размислувам во контекст на спортот и фудбалот и само тоа ме интересира. Така да не очекувам провокации и се надевам дека сѐ ќе биде фер-плеј“, рече Милевски.
Македонскиот селектор посочи дека Бугарија е квалитетен ривал без оглед што источниот сосед во последниве години има слаби резултати и нема генерација со ѕевзди како во минатото.
„Бугарија има квалитетен тим кој не е спорен и знам дека нѐ очекува тежок меч. Се надевам дека и вие и ние ќе одиграме квалитетно, а секој меч е приказна за себе и за секој меч има посебен план. Дали планот ќе се исполни се прашува и противникот, а како сѐ ќе се одвива ќе видиме утре. Фаворит пред почеток на меч не постои, фаворит се наметнува на самиот терен. Групата е израмнета, така да не може да се каже кој е фаворит. Најважно е да се даде максимумот на овие мечеви, а јас сум горд кога момците даваат максимум на терен. Спремни сме за уште едно успешно докажување, сега во Лигата на нации“, додава Милевски.