Можеби УЕФА треба да размисли и да доделува пехар и за фантастична фудбалска приредба. Манчестер Сити и Реал Мадрид вечерва на „Итихад“ прикажаа фудбал од друга планета, постигнаа седум гола, создадоа повеќе од 20 шанси за гол, истрчаа многу, се бореа како да е „крај на светот“. На крајот, Манчестер Сити славеше со 4-3 во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите.
Сите фудбалски вљубеници не сакаа мечот воопшто да заврши, но ќе има продолжение на „Сантијаго Бернабеу“ за осум дена.
Кевин де Бруин во втората минута со удар со глава постигна гол и го најави спектаклот. Габриел Жесус во 11.минута зголеми на 2-0, но Карим Бензема го смири малку домаќинот со погодок со волеј-удар во 33.минута.
Фил Фоден во 53.минута повторно го одведе Сити на „плус два“, но само две минути подоцна Винисиус Жуниор му побегна на Фернандињо и го матира Едерсон за 3-2.
Бернардо Силва постигна неверојатен погодок во 74.минута, но Карим Бензема од пенал, со „паненка“, повторно го врати Реал Мадрид во игра.
„Граѓаните“ имаат минимална предност во овој феноменален двомеч, но сега дуелот се сели на „Бернабеу“.