Првата англиско-шпанска пресметка мина спектакуларно со седум гола и извонреден фудбал во која Манчестер сити со гол предност оди на реваншот во Мадрид кај Реал, па вечерва втората англиско-шпанска пресметка на Ливерпул и Вилјареал на „Енфилд роуд“ се очекува да биде само продолжение на вчерашната, секако со фантастичен фудбал.

На хартија Ливерпул е фаворит според историјата и традицијата. Вилјареал до тука дојде откако урна два великани и бивши европски шампиони, Јувентус во осминафиналето, па Баерн Минхен во четвртфиналето.

„Можеби Вилјареал во тие претходни две рунди имаше една мала предност, а можеби тоа беше дека и Јувентус и Баерн Минхен ги потценија, а тоа на нас нема да ни се случи – нема шанси. Таа нивна мала предност исчезна, но Вилјареал и понатаму е добар тим. Сакаат да испишат историја, сакаме и ние и овој двомеч е голема работа за Вилјареал“, вели Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул.

Последен пат кога Вилјареал гостуваше на „Енфилд“ доживеа убедлив пораз со 0-3 во сезоната 2015/16 во Лига Европа, а „црвените“ кои имаат шест европски титули атакуваат на трето финале во последните пет години. Во 2018 загубија од Реал во битката за титулата, во 2019 ја освоија европската круна.

„Тоа што се тука, доволно говори за трпеливоста која ја имаа, вербата и лидерството за да се изгради ваков тим. Ова е најдобриот Ливерпул кој во живот сум го видел. Ги гледав и кога освојуваа ЛШ, ги гледав и сезонава, ги анализирав… Уште подобри се, а овој Ливерпул е изграден по слика на тренерот – тим со насмевка, радост и енергија“, вели Унај Емери, кормиларот на „жолтата подморница“.

Ливерпул против шпански клубови има дури 46 меча во историјата на европските натпреварувања, од нив 17 победи и 16 порази, а на домашен терен победиле седумпати од 21 меч со осум ремија и шест порази. Вилјареал во својата историја има само една победа од девет гостувања на Островот и тоа против градскиот ривал на „црвените“, Евертон во 2005 година.

МОЖНИ СОСТАВИ

Стадион „Енфилд роуд“, 21 часот, судија Симон Марчинијак (Полска)

ЛИВЕРПУЛ: Алисон – Александер-Арнолд, Конате, Ван Дајк, Робертсон – Хендерсон, Фабињо, Тијаго – Салах, Жота, Мане

ВИЛЈАРЕАЛ: Руљи – Фојт, Албиол, Торес, Еступињан – Парехо, Капуе, Кокелан – Ло Селсо, Алкасер, Данџума