Јирген Клоп го продолжи договорот со Ливерпул до 2026 година, објави Атлетик. Клоп го презеде тимот на Ливерпул во октомври 2015 година. Веста за продолжување на соработката потоа ја потврдија и од клубот.
Мајк Гордон, претседателот на „Фенвеј спортс“, во чија сопственост е Ливерпул, присуствуваше на вчерашниот прв полуфинален натпревар од Лигата на шампионите против Виљареал на „Енфилд“, кој домашниот тим го доби со 2-0, со што направи голем чекор кон финалето на елитното европско натпреварување.
Атлетик пишува дека Гордон пристигнал за да постигне нов договор со Клоп и неговиот агент Марко Косике, кој беше неколку места до Гордон. Веста набрзо се покажа како вистинита, откако Ливерпул излезе со официјална потврда. Клоп ги освои Лигата на шампионите, Премиер лигата, Светското клупско првенство и Суперкупот со Ливерпул во последните години.