Поранешниот француски првак Монако не запира со победите повеќе од месец ипол, па денеска седми пат во низа славеше во Лига 1 и ја продолжи мртвата трка за пласман во Лигата на шампионите, после триумфот со 2-0 против Анже на свој терен.
Последен пат кога „кнезовите“ загубија бодови беше поразот од Монпелје на 13 март годинава со 0-1 и оттогаш се во невиден победнички ритам по кој дојдоа до егал бодови со третиот Рен, а три бода зад вториот Олимпик Марсеј. Монако моментно е на позиција за ЛШ, но во квалификации, ама истото бодовно салдо со Рен е најава за невидена пеколна трка во последните три кола за позицијата која директно води во елитата.
Абдул Кадер Бамба три минути пред полувремето со автогол на Монако му го расчисти патот кон триумфот, а Висам Бен Једер во 61-та минута ја дуплираше предноста за практично да ја обезбеди победата за „кнезовите“.
Анже остана на 35 бода при самото дно, четири повеќе од Сент Етјен кој е на позиција за бараж, но денеска и останатите конкуренти во битката за спас загубија, Клермон со играч повеќе од Брест со 0-2, а Лориен со 1-2 од Ремс.