Тоа воопшто не беше лесна задача за „ѓаволите“, кои имаа два порази и реми во последните три средби додека ривалот имаше победи над Челси, Вест Хем и Вотфорд (две на гости) и реми со Тотнем. Гигантот од „Олд Трафорд“, сепак, одигра како по ноти и ептен лесно дојде до трите бода, кои барем го оставаат во игра во борбата за место во Лига Европа.
Крајниот епилог го најави Бруно Фернандеш уште во деветтата минута, додека Кристијано Роналдо прво имаше поништен гол пред крајот на првото полувреме, за во 61. минута мирно да погоди од белата точка. Конечниот резултат го постигна Рафаел Варан во 72. минута со својот прв гол по доаѓањето во Манчестер.
Јунајтед сега е на шестата позиција, последна што води во Лига Европа, со 58 бодови, шест повеќе (со меч повеќе) во однос на Вест Хем, а со пет бода помалку и две средби повеќе од Арсенал, кој е четвртото место, последно што води во Лигата на шампионите (ЛШ).