“Немам план. Апсолутно ништо. Не знам дали ќе играм нешто, каде било до крајот на сезоната”, изјави Новак Ѓоковиќ по поразот од Данил Медведев во финалето на УС Опен.
Во овие десет дена по финалето, Ѓоковиќ сепак одлучи да ја продолжи сезоната. Се очекуваше дека 34-годишниот Србин сигурно нема повторно да отпатува во САД и да игра на Мастерсот во Индијан Велс, но најдобриот тенисер на светот изненади со одлуката. Организаторите на турнирот го потврдија неговиот настап на турнирот, кој започнува на 4 октомври. Ѓоковиќ ќе брка голем рекорд во Индијан Велс и ќе се обиде да стане првиот тенисер во историјата што освоил шест титули на тој Мастерс.
Ова е важна вест за борбата за тоа кој ќе заврши како прв на АТП листата на крајот на годината. Ѓоковиќ има доволно залиха ако вториот на АТП Данил Медведев не игра Виена или Св. Петербург.
За Ѓоковиќ, кој е рекордер во историјата на тенисот со 338 недели на првото место на АТП, завршувањето на оваа година како број 1 е важно, бидејќи тоа ќе го направи единствениот тенисер што завршил на првото место седум години. Досега, тој го дели овој рекорд со легендарниот Американец Пит Сампрас.