Легендарниот голгетер на Црвена звезда, Стеван Остојиќ, почина на 81-годишна возраст.
Остојиќ мина седум сезони во „црвено-белиот“ дрес, од 1966 до 1973 година. За Звезда одигра 277 натпревари и постигна 156 голови.
Ќе остане запаметен по хет-трикот во полуфиналето на Купот на шампионите во 1971 година против Панатинаикос. Звезда славеше во Белград со убедливи 4:1 со трите гола на Остојиќ, но грчкиот тим славеше во Атина со 3:0 и се пласираше во финалето.
Покрај Црвена звезда, незаборавниот голгетер играше и за Суботица и Раднички Ниш во Србија, додека странски ангажмани оствари во Монако и Фенербахче, а играше и „преку барата“ во Сан Хозе.
Како тренер почна да работи како помошник на Бранко Станковиќ во Црвена звезда, кого го наследи на клупата на првиот тим, каде остана година и пол. Во сезоната 1983/1984 година беше тренер на Спартак Суботица, а подоцна и во неколку други клубови.
По повод смртта на Стеван Остојиќ, соопштение испрати Црвена звезда, клубот на својот Твитер профил ја извести јавноста за тажната вест и изрази сочувство до семејството Остојиќ.