Дебаклот на поранешниот шпански првак и двоен финалист во ЛШ во последната деценија, Атлетико Мадрид е комплетиран откако со поразот со 1-2 во Порто и ремито без голови на Баер Леверкузен со Бриж, мадридскиот гигант нема да игра ни Лига Европа.
Катастрофалната сезона на екипата на Диего Симеоне заврши со елиминација во Европа за мадридскиот клуб уште во есенскиот дел, нешто што цела деценија му се нема случено на овој гигант, кој патем има и два трофеи во Лига Европа во изминативе 11 години.
Промашениот пенал на Јаник Караско минатата недела во „стота“ и промашувањата што следеа потоа против Баер Леверкузен прескапо ги чинеа црвено-белите, кои натпреварот го загубија уште во првата половина од првиот дел, кога Порто им даде два гола преку Тареми во петтата и Естакио во 24-та минута од мечот.
Имаше Атлетико свои шанси, но Диего Коста, голманот на Порто одбрани буквално сè до 94-та минута, кога Маркано си даде автогол, но сето тоа беше предоцна за да се дојде до бод за „опстанок“.
Атлетико сезонава освои само пет бода колку и Баер Леверкузен, но последен е поради послабиот меѓусебен дуел (0-2, 2-2) и со тоа како последен заврши во групата. Порто со триумфот ја освои групата и како првопласиран влегува во ждрепката, а Бриж со бод помалку е втор и ќе биде во вториот барабан, додека Баер Леверкузен оди во второто по ранг натпреварување ЛЕ.