Првиот носител на АТП турнирот во Женева, Данил Медведев, во првиот меч е поразен од Французинот Ришар Гаске.
Натпреварот од второто коло траеше точно час и половина и беше решен во два сета со резултат 2:0 (6:2, 7:6).
Рускиот тенисер го одигра првиот меч по еден и пол месец пауза поради операција на абдоменот, а уште од стартот беше забележливо дека му недостига „километража“, односно дека не е во ритамот на ударите.
Тоа го искористи искусниот Гаске и со пет освоени врзани гема и лесно го доби првиот сет – 6:2.
Истиот ритам продолжи и во продолжение, бидејќи Гаске веднаш направи брејк и експресно поведе со 3:1.
Потоа Медведев доби тежок сервис гем, па направи брејк и потоа го потврди за пресврт од 4:3.
Се играше гем за гем до тај-брејкот, во кој Гаске беше посмирен и помалку нервозен.
Тој прв стигна до меч топката, а потоа Медведев покажа „краток фитил“ и со двојна грешка се елиминира од турнирот.
Ова е прва победа на Гаске против еден од двајцата првопласирани тенисери на АТП листата од 2005 година.
Во четвртфиналето ќе игра против подобриот од дуелот Марко Чекинато (Италија) – Камил Маикржак (Полска).
Медведев покажа големи осцилации во играта, иако секако беше подобар во вториот сет отколку во катастрофалниот прв.
Ќе биде интересно да се види како ќе изгледа на Ролан Гарос, кој започнува следната недела во Париз.