Рафаел Надал рутински се пласираше во второто коло на Ролан Гарос, победувајќи го Австралиецот Џордан Томпсон во три сета.
Надал до победата дојде за нешто повеќе од два часа борба, во сетови 6:2, 6:2, 6:2.
Шпанскиот тенисер на тој начин успешно го започна походот кон 14. титула на Ролан Гарос, а ривал во второто коло ќе му биде Французинот Корентан Муте, кој претходно го елиминира Стен Вавринка.
Во играта на 35-годишникот од Мајорка не можеше да се забележат проблеми со стапалото кое го мачи веќе извесно време и поради кое го загуби дуелот на Мастерсот во Рим.
Австралиецот можеби имаше малку надеж по првиот гем од мечот, бидејќи го доби многу лесно, но шпанската фурија набрзо почна да меле по теренот „Филип Шатрије“.
Рафа направи два брејка по ред, а потоа спаси една брејк топка и рутински го приведе првиот дел од играта кон крајот.
За разлика од првиот, во вториот сет Рафа веднаш направи брејк на стартот, а набрзо дојде и вториот.
Сепак, Томпсон тогаш одговори – врати еден брејк.
Среќата на 82. тенисер во светот сепак беше краткотрајна, бидејќи Надал по трет пат во сетот му го одзеде сервисот и поведе со 2-0 во сетови со идентични 6:2.
Томпсон не се предаде, но беше јасно дека сè повеќе од двата освоени гема во сетот ќе биде одлично за него.
И повеќе од тоа не успеа, иако водеше со 2-1.
Рафа освои пет гема по ред, се пласираше во второто коло и ја забележа 299. Грен слем победа во кариерата.