Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп по поразот од Реал изјави дека пласманот во финалето на Лигата на шампионите е своевиден успех и дека има чувство дека неговиот тим следната сезона ќе игра во финалето, во Истанбул.
Фудбалерите на Ливерпул загубија во Париз од Реал Мадрид со 0:1 во финалето на Лигата на шампионите.
„Во соблекувалната, во моментов, никој не мисли дека ова е одлична сезона. Можеби ќе ни требаат неколку часа. Чувството е поинакво. Не е лошо да се игра во финалето. Тоа е еден вид успех, но не успех кој го посакувате. Имам силно чувство дека ќе се вратиме. Момците се конкурентни. Ова е извонредна група. Ќе имаме извонредна екипа и следната сезона. Каде е финалето следната сезона? Истанбул? Резервирајте хотел.” изјави Клоп за БТ Спорт .
Англискиот тим имаше 24 удари кон голот, од кои девет во рамките на голот, но не успеа да го совлада голманот Тибо Куртоа.
„Одигравме добар натпревар, не совршен. Мислам дека не е можна совршена игра против противник со длабока формација. Имавме многу удари, но не и најчисти. Куртоа имаше две одлични одбрани. Ние примивме гол по центаршут , Валверде сакаше да шутира , но Винисиус се најде тука и тоа е тоа“, изјави германскиот стручњак.
Момците се обидоа со се, особено кога губеа, потоа игравме како што сакавме да играме. Нашите играчи од средниот ред беа предлабоко, тоа е опасност за контранапад. Сакавме да бидеме похрабри во вториот дел. Тоа го кажавме на полувремето. Игравме околу нив, требаше да играме повеќе во формација, а потоа околу нив“, додаде Клоп. Ливерпул оваа сезона се бореше за четири трофеи, а освои два домашни – ФА Купот и Лига Купот. Манчестер Сити ја освои титулата во Премиер лигата.