Ненад Димитријевиќ и Валенсија ја совладаа Басконија на гостински терен (82:89) и на тој начин изборија мајсторка во четвртфиналето на шпанскиот плејоф.
По поразот на домашен терен, Валенсија вечерва го совлада евролигашот Басконија, иако домаќините добро го отворија натпреварот.
Димитријевиќ и соиграчите доминираа во продолжението, неколку пати имаа и двоцифрена предност, па на крајот заслужено ја разочараа домашната публика.
Нашиот репрезентативец одигра нешто повеќе од 12 минути, при што постигна 5 поени, а имаше и по 2 асистенции и 2 скока.
Риверо со 27 и Хермансон со 16 поени биле најефикасни во редовите на Валенсија, додека кај Басконија најдобар реализатор бил Питерс со 18 поени.
Валенсија ќе биде домаќин на мајсторката, а победникот во полуфиналето ќе се соочи со Реал Мадрид, кој веќе ја елиминира Манреса во четвртфиналето.