Актуелните фудбалски владетели на Европа и Јужна Америка, селекциите на Италија и на Аргентина вечерва на „Вембли“ во Лондон ќе ги одмерат силите во престижното натпреварување Финалисима, кое воскресна по 29 години пауза. Овој мега-дуел некогаш беше познат како „Артемио Франки куп“, а вечерва ќе се одржи по третпат во историјата.
Гаучосите се во улога на бранители на пехарот ако се знае дека се радуваа на победа против Данска по пенал-рулет во 1993 година. Првиот натпревар во историјата се одигра во 1985 година кога Франција славеше со 2-0 против тогашниот јужноамерикански шампион Уругвај.
Италија и Аргентина бројат вкупно осум меѓусебни дуели, од кои пет се одиграни во рамки на Мундијалите, додека последните три средби биле од пријателски карактер во 2001, 2013 и 2018 година. Вкупниот биланс е на страната на селекцијата која моментално е предводена од Лионел Меси со 3-2 во победи, додека нерешен резултат бил крајниот епилог во два наврати.
Аргентина во мега-дуелот ќе влезе со многу подобра форма и речиси двегодишна низа без пораз, додека пак кај Аѕурите на Манчини уште е присутна болката од елиминацијата од Македонија во баражот за СП, иако тие рани се лечеа со пријателски триумф над Турција кон крајот на март годинава.
Дуелот е предвиден да стартува во 20:45 часот.