Привршуваат последните натпревари од дополнителните квалификации за Светското првенство. Украина се пласираше во финалето на плејофот, совладувајќи ја Шкотска во Глазгов со 3-1.
Шкотска се збогуваше од Мундијалот со поразот од 3-1 во Глазгов од Украина. Украинците емотивно ја прославија оваа победа, ја посакуваа со сето срце, одиграа со посебен набој поради се што се случува во нивната татковина во последните месеци.
Во интересен и борбен дуел Украина на почетокот на вториот дел веќе имаше два гола предност, Шкотите успеаја да намалат, но на крајот не успеаја да се вратат и Украина со нов гол го запечати дуелот.
Во 33. минута гостите поведоа со голот на Андриј Јармоленко, кој одлично реагираше по асистенцијата на Малиновски.
На почетокот на вториот дел нов шок за Шкотите. Караваев одлично нафрли, а Роман Јаремчук убаво погоди со глава за зголемување на водството.
Шкотите веќе немаа што да чекаат и мораа да одат на се или ништо. Во 79. минута Калум Мекгрегор успеа да намали, но до крајот на мечот Шкотите не стигнаа до нов гол. Притоа, Украинците составија неколку опасни контранапади и реализираа еден преку Довбик во судиското надополнување за конечни 3:1.
Кој ќе биде последниот европски патник на Мундијалот ќе дознаеме по дуелот меѓу Велс и Украина во недела.
Дополнителни квалификации за СП, полуфинале:
Шкотска – Украина 1:3