Селекторот на Јужна Африка, Хуго Брос, изјави дека неговите момци не се плашат пред дуелот против Мароко од квалификациите за Африканскиот куп (9 јуни), потенцирајќи дека инспирацијата за евентуално изненадување го бараат во начинот на кој одиграа македонските фудбалери.
„Кој се плаши од Мароко не мора ни да патува на овој меч. Со страв никогаш не можете да остварите добар резултат. Мора да верувате во својот квалитет и дека може да го остварите тоа што сте го замислиле. Можам да ви го дадам примерот со Македонија, која ја победи големата Италија. Ако веруваме во себе како тие што верувале, тогаш ќе може да изненадиме против фаворитот“, изјави Брос.
Една од причините за споменувањето на Македонија и сензацијата во Палермо во далечната Јужна Африка е фактот што прв помошник на Брос во стручниот штаб е прославениот македонски стратег и поранешен селектор, Чеде Јаневски.