Поранешниот аргентински репрезентативец Карлос Тевез (38) објави дека се пензионира .
Тевез рече дека фудбалот повеќе нема смисла за него откако неговиот очув почина минатата година.
„Го изгубив навивачот број еден, почнав да јадам премногу. Имав многу да понудам, ми понудија многу во САД, но решив да се повлечам. Мојата последна сезона во Бока беше исклучително напорна и почнав да се дебелеам , доцна станував.Порано се будев во шест наутро, прв доаѓав на тренинг и последен заминував. Сега веќе немам сила да го правам тоа“, призна Тевез.
Напаѓачот играчката кариера ја започна во 2001 година во Бока Јуниорс, а потоа во 2005 година се пресели во бразилски Коринтијанс, од кој две години подоцна замина во Европа. Неговиот прв европски клуб беше Вест Хем, па настапуваше за Манчестер Јунајтед , Манчестер Сити и Јувентус од каде се врати во Бока во 2015 година. Пред второто враќање во славниот аргентински клуб настапуваше и за кинескиот клуб Шангај Шенхуа.
За репрезентацијата на Аргентина одигра 76 натпревари и постигна 13 голови. Последниот натпревар во репрезентативниот дрес го одигра во 2015 година.