Репрезентацијата на Шпанија не постигна гол во дуелот против Италија во меч од 2. коло од групната фаза на ЕП 2024, но сепак дојде до минимален триумф и нови три бода со оглед што противникот си постигна автогол.

Средбата ја реши Рикардо Калафиори, кој во 55. минута ја затресе сопствената мрежа. Тоа воедно беше и казна за индолентната игра на „аѕурите“, кои цело време се бранеа, а малку нападнаа дури во финишот. Шпанците имаа повеќе шанси за поубедлив триумф, додека Италијанците упатија само еден удар во рамките на противничкиот гол.

Донарума му одбрани зицер на Мората, а со врвот на прстите го прати во корнер ударот на Фабиан Руиз од дистанца. Најзрелата шанса ја имаше Нико Вилијамс, чиј удар со глава на почетокот од мечот заврши крај голот.

 

Скоро од никаде Шпанците изведоа брза акција, нафрлената топка во шеснаесетникот од Нико Вилијамс ја дочека Рикардо Калафиори, кој си постигна ефектен автогол во 55. минута (1-0).

Навивачите на „аѕурите“ делуваа разочарано, додека на спротивната страна започна славеше фуријата. Во продолжение Италијаните дадоа максимум за да дојдат барем до израмнување, но беше јасно дека немаат сили да го пробијат бедемот на големиот ривал. Шпанија имаше зрели шанси за втор гол преку Мората, Ламин Јамал и резервистот Ајозе Перез, а Унаи Симон остана без интервенција во текот на вториот дел. Спалети ги внесе Ретеги, Закањи, Кристанте и Камбиасо, но без ефект.

 

„Црвената фурија“ сега има две победи и сигурен пласман во осминафиналето, поради што мирно ќе го пречека последниот дуел против Албанија. Италија, пак, останува со три бода поради што не смеат да загубат од Хрватска ако сакаат да бидат сигурно во нокаут-фазата.