Првата тенисерка на ВТА ранг-листата, Ига Швјонтек, ја продолжи доминацијата во женскиот тенис и со 35 победа по ред дојде до титулата на Ролан Гарос. Ова е втора грен слем титула за Швјонтек, а првата исто така ја освои во Париз, пред две години.
Полската тенисерка во финалето на Ролан Гарос 2:0 во сетови и тоа 6:1,6:3 ја победи Американката Коко Гоф.
Швјонтек доминираше и во финалето и до титулата дојде без загубен сет. Во првиот сет, Швјонтек дури три пати го одзеде сервисот на Гоф за 6:1 во првиот сет за 35 минути.
Во вториот сет, американската тинејџерка даде поголем отпор, веднаш направи брејк кој го потврди со сигурен сервис и поведе до 0:2. Но, одговорот на Швјонтек беше освојување на пет гемови по ред за 5:2. Гоф намали на 5:3, но Полјакињата беше сигурна на свој сервис користејќи ја првата меч топка за втора грен слем титула во кариерата.