Светскиот рекет бр.1 Новак Ѓоковиќ вчера првпат после сагата и скандалот во Мелбурн кој заврши со негова депортација излезе во јавност и посочи дека се залага за право на избор околу актуелната вакцина за ковид-19, поради што низа компании најавуваат дека поради овие ставови може да остане и без – највредните спонзори.
Ѓоковиќ посочи дека спремен е да ја жртвува кариерата и повеќе да не игра на гренслем турнирите, ако задолжителната имунизација е неопходна, потенцирајќи дека се залага за право на избор.
Но „Бренд Фајнанс“, една од водечките компании која се занимава со проценка на вредноста на најголемите брендови, предвидува дека Ѓоковиќ со ова не само што ризикува дека во следниот период може(би) нема да освои ниту еден значаен трофеј, туку и дека финансиски може да се доведе во проблем.
Компанијата „Лакоста“ сериозно размислува да ја раскине соработката со Ѓоковиќ што би значело загуба од 56,5 милиони долари за српската тениска ѕвезда, кој е рекордер по број на недели на првото место на АТП, а има освоено 20 гренслем-трофеи. „Бренд Фајнанс“ проценува дека Ѓоковиќ, кој сега е проценет на 157 милиони долари, сериозно ќе загуби на својата вредност .