После цела една деценија, поранешниот европски првак Интер првпат ќе игра осминафинале во Лигата на шампионите и вечерва на „Џузепе Меаца“ го пречекува екс-европскиот шампион Ливерпул во второто титанско дерби во оваа прва елиминациска фаза во Лигата на шампионите, после вчерашната битка на „Паркот на принцовите“ во Париз помеѓу ПСЖ и Реал Мадрид (1-0).
Италија веќе одамна не е конкурентна во мултимилионската елита, со само две финалиња на Јувентус (2015 и 2017) и без освоен трофеј уште од ерата на Интер со Мурињо и Горан Пандев, па пресметката на „нераѕурите“ како актуелни италијански шампиони со „црвените“ на Јирген Клоп е шанса да се види дали постои напредок на италијанскиот фудбал и калчолигашките екипи дали можат да се носат со самиот европски крем.
Интер е сериозно ослабен денеска без Робин Госенс, Хоакин Кореа, Матијас Весино, го нема ни Николо Барела, а проблем повеќе е лошата форма на Лаутаро Мартинез, кој од ноември 2020 година нема дадено гол во Европа или цели 697 минути, но ќе биде партнер на Един Џеко во нападот и сега против „црвените“.
„Ливерпул е еден од најдобрите тимови во Европа, но фудбалерите на Интер заслужуваат да играат вакви мечеви„изјави тренерот на Интер Симоне Инзаги.
„Нераѕурите“ после двете дербија за „скудетото“ со Милан (1-2) и со Наполи (1-1), го препуштија лидерското место на својот градски ривал, додека Ливерпул кој ја врати старата форма после кризниот декември, сѐ уште е предалеку од недопирливиот Манчестер сити, кој ита кон нова шампионска титула. Но, Клоп сега ги има своите две најголеми ѕвезди Мохамед Салах и Садио Мане, без кои беше цел месец поради Африканскиот куп на нациите.
„Интер е врвен тим, има извонреден тренер, лани беа шампиони во Италија . Изгледаат солидно, нивниот индивидуален квалитет е огромен, така да за да победиме и воопшто да имаме шанса за такво нешто ќе мора да одиграме врвен меч“, вели Клоп.
Последен пат Интер и Ливерпул меѓусебе играа пред 16 години, во 2008 кога „црвените“ ги водеше Рафа Бенитез и англискиот великан победи во двата меча со 2-0 и 1-0.