Екипата на Метковиќ, која на двапати го освојуваше Купот на Хрватска, во сезона 2000/01 и 2001/02, по пауза од 13 години обезбеди пласман во хрватската елита откако во бараж дуелот против Карловац имаше подобар резултат.

На првиот натпревар од бараж дуелот, Метковиќ победи со два гола разлика, 35:33, додека реванш натпреварот заврши без победник, 22:22.

Метковиќ во сезона 1999/2000 го освои ЕХФ купот. Во овој клуб настапуваше и поранешниот репрезентативец на Македонија, Иван Марковски, а своевремено дресот на Метковиќ го носеа и голем број поранешни и актуелни репрезентативци на Хрватска, меѓу нив беа и екс ракометарите на Вардар, Иван Чупиќ, Игор Карачиќ и Блаженко Лацковиќ, како и поранешниот тренер на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ. Во Метковиќ настапуваше и поранешниот селектор на Македонија, Ивица Обрван.

Освен Метковиќ, пласман во Супер лигата на Хрватска обезбеди и екипата на Крижевци која за противник го имаше Умаг. Ракометарите на Крижевци пласманот го обезбедија благодарение на поголемиот број постигнати голови на гостински терен

Умаг на првиот натпревар триумфираше со 30:24, додека на реванш натпреварот, Крижевци, исто така, обезбеди триумф од плус шест гола разлика, 25:19 и поради поголемиот број постигнати голови на гостински терен следната сезона ќе игра во хрватската елита.