Македонскиот младински репрезентативец Стефан Чолаковски, кој после седум години вчера се раздели со Мелбурн Сити, останува да игра фудбал во родната Австралија, па од денеска е нов член на Перт Глори.
Новиот клуб веќе го промовираше Чолаковски како свое засилување, кој доаѓа во овој клуб како слободен играч, а потпиша двегодишен договор.
„Возбуден и горд сум што потпишав за Перт Глори. Едвај чекам да почнам. Од првиот момент кога се заинтересираа за мене, знаев дека ќе биде вистинскиот клуб. Перт е клуб со долга традиција и историја, еден од најреспектираните во Австралија“, објави Чолаковски.
Тој во септември лани првпат заигра за една македонска репрезентација, носејќи го дресот во два меча за најнадежната селекција до 21 година, а лани со Мелбурн Сити стана првак на Австралија и беше еден од најдобрите фудбалери на овој тим.